Пилешки грип(втор дел)

Во Македонија нема птичји грип, останува да се утврди сомнителната проба од битолското село Могила што утре или најдоцна задутре патува на испитување во Велика Британија, изјави денеска директорот на Ветеринарната управа Слободен Чокревски.
Птиците во Могила и во Никуљане, напомена Чокревски, угинале од атипичната чума "њукасл".
"Испитувањата во Никуљане, Кумановско, дадоа негативен резултат што значи дека нема присуство на вирусна инфлуенца или птичји грип. Станува збор за болеста 'њукасл'. Моментно се испитуваат и проби земени од фарми во селото Долни Стабол кај Пробиштип и од една штипска фарма. Прелиминарните резултати укажуваат на атипична чума", рече директорот на Ветеринарната управа.
Во Могила се спроведени сите потребни мерки за спречување на "њукасл". Поставени се два пункта за дезинфекција, а седум екипи и ветеринарни инспектори се веќе на терен. Сомнителните птици ќе бидат уништени во специјални депонии, а фармерите ќе бидат обештетени согласно Законот за ветеринарно здравство по пазарна цена на живината.
"Сите птици во селото кохабитираат. Дворовите не може да се поделат на заразени и незаразени. Затоа живината ќе биде убиена, а селото ќе се дезинфицира. На терен се излезени седум екипи и ветеринарни инспектори. Сите имаат соодветна заштитна опрема. Фармерите ќе бидат обештетени согласно Законот за ветеринарно здравство", истакна Чокревски.
Тој апелира фармерите да ја држат живината затворена, односно да не дозволат нејзин контакт со прелетните птици и повтори дека луѓето не се пренесувачи на болеста. "Нема да има рестрикции во однос на движењето на луѓето, но мора да се внимава опремата да не се изнесува од селото", потенцира Чокревски.
Според него, државата има предвидено бесплатни вакцини за домашните птици. Постојано се следи и актеулната ситуација. Доколку кај сомнителниот примерок евентуално се потврди птичји грип, Македонија ќе добие техничка и материјална поддршка од Светската здравствена организација и од Организацијата за земјоделство и храна на ОН (ФАО).
Во Европа досега не е регистриран ниту еден човек болен од птичји грип. Во Југоисточна Азија и Кина од околу две милијарди жители, за три години колку што е присутна болеста, во услови на минимална медицинска нега, се евидентирани 112 заразени. Од нив 60 починале.
ОСНОВНИ ПОДАТОЦИ И ПРЕПОРАКИ ОД ВЕТЕРИНАРНАТА УПРАВА ЗА ПТИЧЈИОТ ГРИП
Управата за ветеринарство на Република Македонија со цел да ја запознае пошироката јавност, објави флаер со основни податоци за болеста Авијарна инфлуенца попозната како Птичји грип и за правата и обврските при нејзина евентуална појава.
ПТИЧЈИ ГРИП
ШТО Е АВИЈАРНА ИНФЛУЕНЦА ИЛИ ПТИЧЈИ ГРИП
Авијарната Инфлуенца или Птичјиот грип претставува заразна, вирусна болест на домашната живина и дивите птици. Спрема својата патогеност (способност да предизвикува болест) вирусот на птичјиот грип се дели на:
- Високопатоген - предизвикува тешко заболување со висока смртност (до 100%)
- Нископатоген - предизвикува главно благи симптоми на болест, а во случај на секундарни инфекции сериозна болест со смртност и до 50%
Некои нископатогени соеви можат да мутираат во високопатогени.
Вирусот што циркулира во земјите на Азискиот континент, потврден во Романија и Турција, и кој представува опасност по здравјето на луѓето и живината е високопатогениот под сој Х5Н1.
КОЈ СЕ ЗАБОЛУВА ОД ПТИЧЈИОТ ГРИП?
Од домашната живина најчесто заболуваат кокошките и мисирките, додека кај патките и гуските се развиват благи симптоми на болест. Дивите птици кои живеат покрај вода, особено дивите патки, природно се отпорни на болеста и не покажуваат клинички знаци на болеста. Според тоа, тие претставуваат резервоар на вирусот и главна опасност за ширење на болеста меѓу домашната живина.
КАКО СЕ ПРОШИРУВА БОЛЕСТА?
Болеста кај живината лесно се пренесува со директен контакт меѓу заболените и здравите птици. Како извори на инфекција се сметаат:
- издишаниот воздух;
- изметот;
- лешевите од угинатите птици и
- предметите и околината контаминирани од нив
Болеста на големи далечини се пренесува со птиците преселници (најчесто диви патки и гуски, но и други главно водени птици), кои на патот на преселба застануваат на одмор и доаѓаат во контакт со домашната живина. Во земјата, болеста се шири со движење и контакти на заболената живина со здрава живина. Во ваквото ширење на болеста човекот има многу важна улога бидејќи со својата облека, обувки, опрема, возила и транспортот на живината многу лесно го пренесува причинителот на болеста.
Покрај овој начин, поретко болеста може да се внесе со увоз на жива живина, и производи од живина (необработени пердуви, јајца за несење).
КАКО СЕ ПРЕПОЗНАВА БОЛЕСТА ВО ЈАТОТО?
Болеста во јатото се шири исклучително брзо. За многу кратко време оболуваат речиси сите единки во јатото. Болеста ја карактеризира висока смртност при што најголемиот дел од заболените птици ќе угинат.
Од клиничките знаци во заболеното јато може да се приметат:
- голема депресија и неземање храна;
- драстично намалена несивост на јајца;
- отоци на главата и вратот;
- Поткожни крварења;
- нагла смрт која може да достигне до 100 отсто во јатото
Затоа, секоја зголемена смртност на живината во Вашето јато задолжително треба веднаш да се пријави до најблиската ветеринарна станица или до ветеринарниот инспектор. Управата за ветеринарство воведува дежурна служба која може да се добие на телефонот 02-3112 205 секој ден до 22 часот.
ШТО МОЖЕ ДА НАПРАВИТЕ ЗА ДА ЈА СПРЕЧИТЕ ПОЈАВАТА НА ПТИЧЈИОТ ГРИП
Специфични мерки за заштита на јатото не постојат. Во секој случај треба да се преземат неспецифични заштитни мерки како:
- Оневозможување контакт на дивите птици и домашната живина (поставување заштитни мрежи, држење на живината во затворени и заштитени објекти)
- Спроведување на мерките на биосигурност на фармите
- Оградување на фармите
- Поставување дезбариери и редовно чистење и дезинфекција на сите површини
- Користење заштитни одела, обувки, маски
- Хигиена на персоналот
- Дезинфекција на возилата при влез на фармата
- Забрана на влегување на неовластени лица во фармата
- Ремонт на јатата со живина од контролирани и здрави јата
- Почитување на принципот "сите внатре - сите надвор"
- Да се избегнува чување патки, кокошки и мисирки во ист двор
- Секое сомневање на болест обврзно да се пријави на ветеринар
МАКЕДОНСКИ ПРОПИСИ ЗА СУЗБИВАЊЕ НА ПТИЧЈИОТ ГРИП
При евентуална појава на болеста во Република Македонија, се преземаат следните мерки:
- усмртување на целата живина во заразените дворови/фарми и населени места;
- нештетно отстранување на лешевите на живината;
- дезинфекција на заразените фарми/дворови;
- забрана за движење на сите видови жива живина, месо и други производи од живина од заразените населени места;
- зголемена контрола на движење на луѓето, механизација и возила од заразените дворови, фарми и населени места;
- други неспецифични мерки наредени од ветеринарниот инспектор.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство плаќа надомест за живината што е убиена како дел од мерките за спречување на ширењето на болеста, како и за производите и предметите кои се уништени, во висина на пазарната вредност.
ДАЛИ ПТИЧЈИОТ ГРИП Е ЗАКАНА ЗА ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТО?
Вирусот на птичјиот грип ретко ги напаѓа луѓето и ако заболат инфекциите најчесто не се сериозни, туку се проследени со коњуктивитис и благи симптоми на дишниот систем.
Трба да се напомене дека инфекцијата со високо патоген вирус на птичјиот грип може да предизвика сериозни здравствени проблеми и како резултат на тоа да предизвика смрт.
КАКО СЕ ИНФИЦИРА ЧОВЕКОТ
Човекот може да се инфицира со директен контакт со заболени животни. Вирусот на Птичјиот грип е термички лабилен и се уништува со нормално варење и печење на месото, што значи дека термички третираното месо не е извор на инфекција.
КОИ СЕ РИЗИЧНИ ГРУПИ ЛУЃЕ
Во ризични групи луѓе спаѓаат оние што работат со живина (ветеринари, одгледувачи, купувачи, превозници, работници во кланици), личности кои доаѓаат во допир со инфективен материјал од живина или кои се вклучени во некој друг облик на контрола на болеста (ветеринари вработени во лаборатории, орнитолози, ловци)
КАКО ДА СЕ ЗАШТИТАТ ЛУЃЕТО
Моментално на пазарот не постои медицински препарат што луѓето потполно би ги заштитил од вирусот на птичјиот грип. Постоечките сезонски вакцини против хуманиот грип заедно со противвирусните лекови се корисни како превентивна заштита против оваа болест
0 Comments:
Објави коментар
<< Home