FUNMAC-Macedonia

17.10.05

Јованов и Саздановска победнички дует

Дуетот Јован Јованов и Маја Саздановска со песната "Ти ме сакаш, знам" се победници на 20-тото јубилејно издание на фестивалот на музика "Макфест 2005", што заврши во саботата вечерта во Штип. Второто место му припадна на Адријан Гаџа за песната "300 години", а третото на Елена Петреска за "Река". Наградата за интерпретација ја доби Ѓоко Танески за "Расцветај", нај дебитант е Лена Затковска за "Тука сум своја", нај сценски настап имаше Адријан Гаџа, нај текст на Ристо Самарџиев за "Сети се на мене", што самиот си ја испеја, а нај аранжман е на Дарко Димитров за "Ех, да можам" што ја испеја Ламбе. Најслушана песна меѓу двата фестивала е "Тајните анѓели" на Врчак и Билбилов, а најслушана за 20-те години е "Свирете ја зајди, зајди", авторско дело на Драган Вучиќ, со која во 1992 година победи Олгица Христовска.

Јубилејното издание на фестивалот помина со многу гости и активности, но не со некој посебен гламур. Она по што се разликуваше од претходните изданија беа гостите во ревијалниот дел, кои уште еднаш не потсетија на големите некогашни хитови. Техничките проблеми фрлија сенка на секогаш беспрекорното организирање. Затоа имаше дилема дали фестивалот да оди плејбек или во живо. Но и по цена на стресови кои ги преживејаа, сепак, се решија да оди во живо. Но, на сред програма откажаа двата цеде плеера. Ситуацијата ја спаси МТВ, која од репортажната кола им го позајми нивниот. Овој гест се коментираше како "тој што ќе те зафркне, ќе те спаси", мислејки на МТВ, која фестивалот го пренесуваше на собранискиот канал, кој не го гледа речиси половина држава.

Организаторот, кој се фали за прецизност и правила од кои не се отстапува, годинава потфрли. Сами си се погазија пуштајќи ги Ламбе Алабаковски и Адријан Гаџа директно во полуфинале, место во дебитантската вечер. На пресот во "Александар палас" рекоа дека двајцата ќе пеат директно во полуфинале оти на "Макфест" ќе ги промовирале албумите, условот за да се стартуваод полуфинале. Но, Гаџа ја откажа промоцијата на првиот албум на македонски, а Ламбе во рамките на "Макфест" колку да не биде без ич промовираше макси сингл, оти албумот не бил готов. Ова ги налути дел од пејачите кои се со долгогодишно пејачко искуство, а само затоа што немаат албум мораа да пеат со почетниците...


 
Hit Counter
Dell Coupons